Лука Циндриќ е 21 годишно момче од Огулин,Хрватска.Дојде во Металург како најдобар играч од Премиер лигата во Хрватска, а за неполни 5 месеци стана миленик на македонската публика. Скромност, интелегенција, самодоверба, храброст и пожртвуваност се епитетите кои го красат ликот на играчот од Металург. Пред овој ракометар стои блескава иднина, само прашање на време е кога олимпиското, светското и европското злато ќе заблескаат на неговите гради. Го препозна стратегот Лино Червар, што само по себе покажува за големинатата и квалитетот на Лука Циндриќ. По професија информатичар, но многу подобар во ракометот. Кој е Лука Циндриќ и кои се неговите планови? Прочитајте во интервјуто што го даде за нашата веб страна:
РК Делчево: За почеток на разговорот кажи ни за твоите почетоци во ракометот од каде желбата за овој спорт?
Лука Циндриќ: Ракометната кариера ја започнав во Огулин. Тогаш паралелно тренирав ракомет и фудбал,но во еден момент морав да одлучам за еден од овие два спорта и одбрав ракомет.Причината за тоа беше мојот татко, Дражен Циндриќ, ракометен тренер па со своите совети ми помогна во одлуката. После Огулин стигна понуда од РК Сењ каде започна и мојата професионалана ракометна кариера. Во РК Сењ поминав две години после тоа следеше покана од РК Карловац каде поминав една сезона, а на половина од другата повикан сум во РК Металург.
РК Делчево: Дојде во Металург пред 5 месеци, а веќе си миленик на нашата публика, но виновникот за сето тоа е стратегот Лино Червар, кој е познат мотиватор на играчите.
Лука Циндриќ: Многу ми е мило што скопската публика вака добро ме прифати и сум им благодарен за тоа. Секако , Лино Червар е голем мотиватор, но пред се тој е најдобар ракометен стратег.
РК Делчево: На теренот играш со голема самодоверба и резултатот е јасен но колку Циндриќ има трема пред натпревар?
Лука Циндриќ: Пред големи натпревари имам трема, нормално. Овие големи натпревари за мене се новост, до пред една година ги гледав на телевизија, а сега учествувам во нив.
РК Делчево: Дали имаш некој ритуал пред натпревар?
Лука Циндриќ: Да имам ритуал, пред секој голем натпревар за ручек секогаш јадам тестенини Болоњезе.
РК Делчево: Кој ти беше првиот пријател што го стекна во Металург и колку си задоволен од односот на своите соиграчи?
Лука Циндриќ: Многу сум задоволен што имам вакви соиграчи. Момците добро ме прифатија и со сите сум во добри односи.
РК Делчево: Го победивте Вардар, вашиот најголем ривал во домашното првенство, која е целта на Металург за наредната година во Лигата на шампионите?
Лука Циндриќ: Победата над Вардар навистина ни беше триумф за крај на оваа сезона. А што се однесува за Лигата на шампионите, навистина мислам дека и четвртфинале е голем успех за Металург, со оглед на тоа да тука играат големи клубови како Барселона, Кил итн. Во наредната сезона во Лигата на шампионите истотака се надевам на ваков успех, а и поголем за Металург. За мене знам дека ќе дадам се од себе.
РК Делчево: Поголемиот дел од нашата земја сакаат Барселона да го освои победничкиот пехар од причина што во нивните редови е Кире Лазаров, а втората што Металург е тој што и нанесе пораз на овој голем клуб. За кој навиваш ти?
Лука Циндриќ: Јас исто така навивам за Барселона. Ќе биде прекрасно на победничкиот подиум да го видеме клубот кој го победивме.
РК Делчево:Каде се гледаш за 4 години?Имаш ли омилен клуб од детството во кој што сакаш да заиграш и кој е твојот идол?
Лука Циндриќ:За 4 години,кој знае…Омилен клуб ми е Барселона па така моментално се надевам дека еден ден ќе заиграм во нивниот дрес.Има многу одлични ракометари кои ми се идоли,но најголем идол ми е мојот сонародник Домагој Дувњак со кој имав прилика да играм во Хрватската Репрезентација ,почетокот на април на турнирот во Швајцарија.
РК Делчево: Кире Лазаров во едно интервју, за еден наш медиум, изјави дека а еден врвен ракометар подобро е да „заплива во брачните води“порано за да са посвети целосно на ракометот, бидејќи девојките и излегувањата одземаат доста енергија и време. Твој коментар за ова?
Лука Циндрќ: Јас искрено не мислам дека девојките одземаат многу време, се е во ред кога умерено се дозира. Во ништо не треба да се претерува па и неможе да ти смета. За се постои време и место, а врвните ракометари знаат кога е време за дисциплина.
РК Делчево: За крај кој најмногу ти недостасува од Хрватска и што би им порачал на младите?
Лука Циндриќ: Многу нешта ми недостигаат од Хрватска, но најмногу моето семејство, пријателите и кујната на мајка ми. На младите би им порачал да го следат својот сон без оглед на се, нека имаат цел во животот и секако нека се занимаваат со спорт, не се вели без причина-во здраво тело здрав дух.



Следете не!